Собранието денеска треба да ја продолжи 102. седница, на чиј дневен ред преостанати сè уште 11 точки. Пред пратениците денеска е Предлог на законот за задолжување за општи буџетски потреби во износ од 260 милиони евра кој се носи по скратена постапка.

Според Предлог-законот, заемот ќе се повлече во една транша, согласно со роковите и условите утврдени во Договорот за заем, рокот за отплата на заемот е седум години, на девет еднакви полугодишни рати, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина која изнесува 2,10 проценти.

На дневен ред на собраниската седница се и Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2027-2031 година, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за медијација, Предлог на законот за изменување на Законот за ученичкиот стандард, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, Предлог на законот за изменување на Законот за основање на јавно претпријатие Македонска радиодифузија, Предлог на законот за изменување на Законот за внатрешни работи, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за полиција и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, сите по скратена постапка и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2025 година.