Претседателот Стево Пендаровски најави дека Македонија нема да остане само на зборови, туку ќе испрати конкретна помош во Турција по земјотресот што утрово ја погоди јужна Турција.

Изразивме сочувство за земјотресот во Турција. Добивме информација дека има и втор земјотрес, многу жртви и ужасна деструкција. Сакам уште еднаш да испратам сочувство до сите погодени и да објавам дека македонската Влада и ние како држава нема да останеме само на зборови, туку ќе пружиме конкретна помош, изјави Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателката на Унгарија Каталин Новак.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска на нејзиниот Фејсбук-профил изрази сочувство и најави подготвеност за помош во тешките моменти за Турција.

Македонската Армија е подготвена да даде секаква поддршка за да помогнеме во напорите со справување со последиците од оваа страшна катастрофа и спасување на колку може повеќе човечки животи, објави Петровска на Фејсбук и додава дека нашиот народ знае што значи солидарност и подадена рака во тешки моменти кога ни е најпотребна.

Претходно, министерот за надворешни работи Бујар Османи соопшти дека преку неговиот колега Мевљут Чавушоглу испратил пораки со сочувство до Турција и турскиот народ и понудил помош таму каде што ќе биде потребна.

Со Турција имаме блиско и долгорочно партнерство кое почива на длабоката поврзаност на народите на двете земји. Нашите мисли се со нашите пријатели, браќа и сестри од Турција, и ние ќе сториме сѐ што е во наша можност за да им се најдеме на пријателите во оваа неволја, порача Османи на Фејсбук.

Најмалку 912 луѓе загинаа во Турција во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, остро ревидирајќи ги претходните бројки.

Тој додаде дека во земјотресот се повредени 5.383 луѓе.

Со најмалку 326 луѓе кои загинаа во деловите на Сирија кои се под контрола на владата, ова го става бројот на загинати во најмоќниот потрес во регионот во речиси еден век на повеќе од 1.200.