Сомнителни кардиохируршки интервенции
Фондот за здравствено осигурување денеска информира дека пристигнале уште 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции, кои ќе бидат препратени до Министерството за здравство за натамошна постапка. Пет од претставките се индивидуални, а десет се поднесени од установа.
Со ова, бројот на пристигнати претставки за вакви случаи се искачи на 25. Најстарата се однесува на интервенција од 2010 година.
„Во основа има три категории поплаки, односно претставки: едната е каде можно е да им е направена интервенција на пациенти, а немало потреба од тоа, втората е каде на пациенти требало да им се направи, а не им е направено тоа што требало да се направи, и третата се однесува на пациенти кај кои од тоа што е направено нема да има помош во смисла интервенциите што се направени кај пациенти кои можеби се во терминална фаза нема да водат кон подобрување на нивната здравствена состојба или кон продолжување на животниот век. Тоа може да го спореди со давање скапи онколошки лекови на терминално болни пациенти, каде единствено палијативна нега е потребна во моментот, а тоа не е едноставна одлука, но е одлука која мора да биде донесена“,
рече генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за активностите на Фондот за зголемување на бројот на матични доктори во руралните средини.
Тој нагласи дека јавноста не треба да очекува брзи резултати.
„Мора да влеземе длабоко во овој процес, бидејќи тој мора да биде процес на учење, каде сме грешеле, што треба да промениме за овие работи да не ни се случуваат во иднина за да ја вратиме довербата во тој сегмент на здравството. Тука брзината е помалку важна од квалитетот на сработеното, бидејќи мора да бидеме сигурни во тоа како ќе постапиме и доколку има сериозни грешки тоа треба да заврши со кривични пријави“,
потенцира Клековски.
Во меѓувреме, министерот за здравство Азир Алиу вчера изјави дека конечниот извештај на домашната комисија што ја формира Министерството сè уште не е достапен за јавноста. Тој појасни дека се отворени пет нови случаи, кои се предмет на анализа, покрај претходните осум случаи што веќе се завршени.
Алиу посочи дека извештајот ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството дури откако ќе заврши анализата на сите предмети.