Претежно сончево време, понеделник носи засилен ветер

Пред нас се претежно сончеви денови со постепен пораст на температурите, а според најавите на метеоролозите, од почетокот на новата седмица во одделни делови од земјава ќе дува и засилен ветер.

Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен северозападен ветер.

Утринските температури ќе се движат од 6 степени во Маврово до 16 степени во Гевгелија, додека дневните ќе достигнат меѓу 23 и 32 степени.

Во Скопје се очекува претежно сончево време со слаб северозападен ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од 14 степени во утринските часови до максимални 31 степен.

Во вторник можен слаб дожд во делови од земјата

Во понеделник ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Во западните региони ќе дува засилен, повремено и силен ветер од западен правец, со брзина поголема од 50 километри на час.

Минималните температури ќе бидат од 8 до 18 степени, а максималните ќе се искачат од 22 до 34 степени.

Според прогнозата на УХМР, во вторник ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност. Во северозападните делови ќе има услови за слаб локален дожд и ретка појава на грмежи.

Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, кој ќе биде поизразен во источните предели. Утринските температури ќе се движат од 8 до 18 степени, а дневните ќе достигнат од 28 до 35 степени.