Улогата на локалната самоуправа во унапредувањето на јавното здравје и превенцијата, преку активности во училиштата, заштита на животната средина, справување со употребата на тутунот и грижата за менталното здравје на младите, беше во фокусот на првиот Национален форум „Општини за здравје“, посветен на поттикнување локални активности за унапредување на здравјето и превенцијата.

Форумот се организира во соработка со Министерството за локална самоуправа и со поддршка на Светската здравствена организација, со учество на градоначалници, претставници на институции и здравствениот сектор, кои ги споделија досегашните искуства и можностите за поголема вклученост на општините во активностите за заштита и унапредување на здравјето на граѓаните.

Клековски истакна дека, иако општините формално немаат директни надлежности во здравствениот сектор, нивната улога во јавното здравје и превенцијата станува сè позначајна.

„Денеска ја отворивме дебатата за улогата на општините во јавното здравје. Драго ми е што градоначалниците споделија вистинско богатство од активности што се реализираат надвор од задолжителните програми, како дератизацијата и дезинсекцијата, а се поврзани и со работата на локалните совети за јавно здравје“, рече Клековски.

Тој посочи дека соработката меѓу здравствениот сектор и локалната самоуправа е неопходна при справувањето со здравствени предизвици, наведувајќи ги како примери епидемијата во Гостивар и појавата на западнонилска треска.

Клековски информира дека на форумот биле презентирани искуства од општините во работата со училиштата и учениците, превентивните програми за спречување на пушењето, активностите за најмладите, како и поддршката и промоцијата на активности за маргинализираните групи, вклучително и лицата со попреченост и повозрасното население.

Тој најави дека форумот ќе биде проследен со дополнителни активности, чија цел ќе биде да се охрабрат општините да формираат совети за јавно здравје, како и да се воспостават функционални комуникациски канали меѓу локалната самоуправа, здравствениот сектор и Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Важно е и меѓусебното поврзување и споделувањето на добрите практики. Кога одредена активност веќе се покажала како успешна во една општина, полесно може да се приспособи и примени во други општини. Сакам да им се заблагодарам на присутните, но и на градоначалниците кои денеска не се тука, бидејќи нивната улога, и покрај тоа што формално немаат надлежности во здравствениот сектор, е сè позначајна“, рече Клековски.

Претставникот на Светската здравствена организација во земјава, д-р Аким Али, истакна дека унапредувањето на здравјето започнува во локалните заедници, таму каде што луѓето живеат, поради што е значајно градоначалниците да бидат активно вклучени во креирањето и спроведувањето на здравствените политики и превентивните активности.

Тој посочи дека на форумот биле разменети искуства од општините за активности во училиштата, заштитата на јавното здравје од заразни болести, санитарната заштита на водата, изградбата на велосипедски паркинзи и соработката со локалните бизниси, како и за справувањето со употребата на тутунот и предизвиците поврзани со менталното здравје на младите.

„Особено ме радува што градоначалниците денеска се обединија и заеднички размислуваат за идните активности, во соработка со Министерството за здравство и Министерството за локална самоуправа. Семејствата и децата во локалните заедници заслужуваат најдобри можни услови и здравствена заштита, а охрабрува подготвеноста на градоначалниците да работат на овие прашања и да ги споделуваат добрите примери што можат да ги применат и другите општини“, рече Али.

Тој нагласи дека една од клучните најави од градоначалниците е формирањето совети за јавно здравје, согласно законските обврски, кои ќе придонесат за подобра координација на локалните активности.

Али изрази очекување дека на следниот форум, кој треба да се одржи идната година, ќе бидат презентирани конкретните постигнувања и резултатите од заедничката работа на општините и надлежните институции.