Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Крива Паланка бара да се свика вонредна седница на која ќе се разгледа и усвои предложениот Акциски план, со што ќе се утврдат конкретни задолженија и рокови за решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток.
– Наместо да бараме виновници и да чекаме некој друг да ја заврши работата, ние подготвивме конкретен план кој содржи мерки, носители на одговорност, рокови за реализација, финансиска конструкција и механизам за контрола. Што конкретно предвидува нашиот Акциски план? Итна евиденција на сите критични локации на кои се движи неконтролираниот добиток. Обезбедување соодветни оградени простори и мобилни трла за привремено сместување на животните, согласно законските услови. Обезбедување два трактора со преден утоварувач, мобилна рампа и потребна механизација за пристап до критичните локации. Организирање 15 лица за логистичка поддршка, со вклучување на расположливите капацитети на ЈП „Комуналец“. Обезбедување вода, храна и основни услови за благосостојба на привремено сместените животни. Воспоставување непосредна оперативна координација со Агенцијата за храна и ветеринарство за законито заловување, транспорт и понатамошно постапување со добитокот – рече Александар Рангелов, координатор на советничката група.
За реализација на овие мерки советничката група предлага 2.850.000 денари од општинскиот буџет. Нивниот план утврдува конкретни рокови и тоа: 24 часа за воспоставување оперативна координација, 48 часа за евиденција на критичните локации, 3 дена за утврдување на локациите за привремено сместување, 7 дена за доставување прв извештај до Советот.
– Нашето прашање до градоначалникот е едноставно: Што од ова не може да направи Општината? Дали не може да обезбеди простор? Дали не може да обезбеди механизација? Дали не може да организира работна сила? Или не може да воспостави координација со надлежните институции? Ние не бараме Општината да ги преземе надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Бараме Општината да ги преземе сопствените обврски и активно да учествува во решавањето на проблемот – рече Рангелов и ги повика сите советници, без разлика на политичката припадност, да го поддржат овој предлог.
