Блаже Конески и Славко Јаневски, се важен дел од македонската културна традиција. Не беше во ред дека досега тие немаа улици во градот Скопје на свое име. Покрај познатите факти за Блаже Конески, еден од првите кодификатори на современиот македонски јазик, историчар на македонскиот јазик, поет, писател, преведувач, како и за Славко Јаневски, авторот на првиот македонски роман, „Село зад седумте јасени“, треба да се назначи дека и двајцата се членови на првиот состав на МАНУ, а Блаже Конески е нејзиниот прв претседател во два мандати, стои во соопштението од претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов.