Групацијата 4iG и SpaceX потпишаа договори за обезбедување сигурна и отпорна сателитска поврзаност во Европа. Со соработката, Starlink Mobile ќе ги надополни телекомуникациските услуги на 4iG во Унгарија и на Западен Балкан, а Македонија е меѓу земјите каде што во иднина е планирано воведување на технологијата од следната генерација Starlink Mobile V2.

Договорите биле потпишани во Тексас, САД, од Гелерт Јасаи, претседател и главен извршен директор на Групацијата 4iG, и Гвин Шотвел, претседателка и главна оперативна директорка на SpaceX. Покрај комерцијалната сателитско-мобилна поврзаност, договорот предвидува и развој на услугите Sovereign Solutions, наменети за безбедни сателитски мрежи за потребите на националната безбедност.

Од 4iG и SpaceX велат дека соработката претставува единствен модел во Европа, кој ги обединува комерцијалната сателитско-мобилна поврзаност и сателитската технологија за комуникации во рамките на Sovereign Solutions. Договорот е усогласен со постојниот профил на Групацијата 4iG, кој ги опфаќа телекомуникациите, вселенските и одбранбените технологии, и претставува иновативен исчекор за компанијата.

– Овој исчекор ја нагласува важноста, поврзаноста да стане сеприсутна и достапна за сите. Групацијата 4iG и SpaceX развија модел прв од ваков вид, кој опфаќа комерцијална услуга базирана на сателитско-мобилната технологија на Starlink и воспоставување на првите Sovereign Solutions во Европа. Горди сме што ја предводиме оваа визија во Европа и поставуваме нов глобален стандард за тоа што е возможно – изјави Гелерт Јасаи, претседател и главен извршен директор на Групацијата 4iG.

– Проактивната одлука на Групацијата 4iG да го воведе Starlink Mobile, вклучително и нашата констелациска технологија од следната генерација V2, ќе им обезбеди на луѓето ширум Унгарија и Западен Балкан сигурна директна поврзаност со нивните уреди. V2 ќе овозможи широкопојасен интернет со голема брзина директно на мобилните телефони и ќе го усогласи спектарот од 2 GHz што ќе го користиме ширум светот. Со задоволство ја воспоставуваме оваа соработка со Групацијата 4iG, со која Унгарија се позиционира меѓу првите земји во Европа што ќе ги воведат Sovereign Solutions – изјави Гвин Шотвел, претседателка и главна оперативна директорка на SpaceX.

Starlink Mobile ќе ги надополни мобилните мрежи на ONE HUNGARY

Starlink е најголемата светска сателитска констелација во ниска Земјина орбита за директно поврзување со мобилни уреди. Таа овозможува директна врска со мобилни телефони компатибилни со LTE, без потреба од посебна сателитска опрема.

Како дополнување на терестријалните мобилни мрежи, сателитската поврзаност овозможува мобилните комуникации да бидат достапни и во подрачја каде што покриеноста со конвенционална мрежа е ограничена или целосно отсуствува.

Групацијата 4iG планира комерцијално да ја воведе услугата Starlink Mobile во Унгарија и Албанија. Со тоа, двете земји ќе се приклучат кон повеќе пазари во светот каде што услугата денес им е достапна на милиони луѓе на шест континенти.

Технологијата ја подобрува достапноста на мобилните комуникации, особено во планинските подрачја и крајбрежните води. Динамиката на воведувањето ќе зависи од регулаторните, техничките и комерцијалните услови на секој пазар.

Сигурната и отпорна поврзаност на Starlink Mobile ќе им биде поддршка на корисниците на Групацијата 4iG во итни случаи и при привремени прекини на мобилната инфраструктура. Таа ќе овозможи и комуникација за јавните служби, како и функционирање на критичната инфраструктура.

Starlink Mobile V2 ќе се воведува и во Македонија

Во иднина, соработката ќе ја опфати и технологијата Starlink Mobile V2, односно следната генерација на услугата која ги користи глобалните приоритетни права на SpaceX за спектарот од 2 GHz.

Услугата е планирано да биде воведена во Унгарија, Албанија, Црна Гора и Македонија. Според компаниите, тоа ќе овозможи можности за нетерестријална 5G мрежа.

Групацијата 4iG, како што се наведува, го отвора патот за унапредување на терестријалните и сателитските мобилни комуникации во Европската Унија, овозможувајќи им на милиони луѓе пристап до сигурна и отпорна поврзаност во оддалечени и недоволно покриени подрачја.

Со воведувањето на услугата во повеќе земји, Групацијата 4iG е на пат да стане еден од европските предводници во примената на услугите на Starlink Mobile.

Sovereign Solutions за безбедни сателитски комуникации

Преку Sovereign Solutions, 4iG S&D и SpaceX ќе развијат интегрирана услуга со унапредени сателитски комуникации и целосно заштитена размена на податоци.

Услугата, чиј почеток на воведување е предвиден за следната година, ќе обезбеди широкопојасна поврзаност и безбедна суверена мрежна инфраструктура.