Две млади охриѓанки биле спасени од водите на Охридското Езеро откако силен ветер и големи бранови ги оддалечиле од брегот додека пловеле со даски за стоечко веслање (СУП).

Случајот бил пријавен вчера, 28 јули 2026 година, во 19:55 часот во Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро во Охрид. Според пријавата, две лица кои се наоѓале на СУП-даски, на околу 1.000 метри од езерскиот брег, наспроти авто-камп во Охрид, со извикување барале помош.

Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од Езерската полиција се упатиле кон посочената локација. При пребарувањето на езерото, на околу 2.000 метри оддалеченост од брегот ги забележале двете лица како се обидуваат да го одржат пловењето и сè уште повикуваат помош.

Полициските службеници веднаш пристапиле кон нив и презеле мерки за безбедно префрлање на полициските чамци. При проверката било утврдено дека станува збор за Е.С. (19) и И.А. (18), двете од Охрид.

Младите девојки им раскажале на полицајците дека поради наглото влошување на временските услови, силниот ветер и големите бранови, постепено биле однесени подалеку од брегот, поради што повеќе не биле во можност сами да се вратат.

Двете девојки биле безбедно пренесени во просториите на Езерската полиција.

Од СВР Охрид и Езерската полиција повторно апелираат до сите капачи и корисници на СУП-даски и педалинки да не се оддалечуваат од означените безбедносни зони и да ги почитуваат препораките за безбедност при престој и движење по вода.