Справувањето со илегалната миграција и откривањето на криумчарите е приоритет во работата на полицијата, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој вечерва беше во посета на полициските службеници на пунктот за борба со илегална миграција и криумчарење мигранти на наплатната станица „Демир Капија” на автопатот „Пријателство” Е75.
Справувањето со илегалната миграција е предизвик не само за Македонија туку и за Европската Унија и за светот, рече Спасовски и потенцираше дека борбата против криумчарењето е еден од приоритетите на полицијата.
„Посветено работиме на овој проблем веќе подолг временси период заедно со многу европски државипреку заеднички акцииособено во фаќањето на криумчарите на мигранти. 2022 година ја завршивме со 100 отсто зголемување на откиравањето на илегалната миграција“, изјави Спасовски.
Спасовски рече дека од голема важност е потпишувањето на Статус договорот со Фронтекс и распоредувањето на нивни полициски службеници на границите на Македонија и дека во текот на 2023 година, продолжува спроведувањето на заеднички мешовити патроли со странските полициски службеници од осум земји во рамки на активноста на ИОМ од 2015 година.
„Илегалната миграција е актуелна тема што во голема мера влијае врз безбедносната состојба на државата, еден од стратешките приоритети на министерството за кој во континуитет се преземаат мерки во делот на справување со истата. За 2022 година, граничната полиција имаше зголемена откривачка активност од 31,2 отсто при спречување на обидите за илегални преминувања. На границите со соседните земји спречени се 27.391 обиди за илегални преминувања. Јужната граница сѐ уште е клучна точка за влез на мигрантите и нивно натамошно движење, што се огледа и во бројот на спречени обиди на границата со Грција- 24.965, каде е забележано зголемување на обидите за 35,5 отсто”, рече министерот Спасовски.
Тој истакна дека со зголеменото присуство на илегални мигранти на македонските граници, зајакната е и оперативната активност на полицијата на стратешко и регионално ниво што бележи откриени 107 случаи во 2022 година, што претставува зголемување за 68.2 отсто, а бројот на спречени мигранти за речиси 80 отсто.
„Најголем број од случаите, 73 отсто се откриени од страна на полициски службеници од Регионалниот центар „Југ” чија ефикасност во делувањето се должи на заедничкото делување на мешани патроли со странските полициски службеници од осум земји кои вршат засилен надзор на јужниот дел од државната граница“, кажа Спасовски.
Со него во посета на пунктот за борба со илегална миграција и криумчарење мигранти беше и директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Сашо Тасевски и шефот на кабинет Митко Бојмацалиев.