Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ – ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква.

Тој во својот говор изјави дека сега на чекор се македонските православни свештени лица да ги завршат правните документи, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни канонски цркви да бидат известени. Патријархот на СПЦ Порфириј очекува сите помесни цркви да го прифати автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.

„Сега браќа и сестри кога дојдовме овде ви носиме уште една радост. Светиот архирејски Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА и Соборот на нашата црква благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалност. Браќа и сестри во исто време, Светиот собор на нашата црква се става на должност на Синодот, заедно и во соработка со Архиепископот Стефан и неговиот Синод да ги разработат сите техничко-организациските детали и ќе следи свеченото прогласување на официјален акт, а потоа сите помесни православни цркви ќе бидат известени и ќе бидат повикани да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА“. „Браќа и сестри, ние сме сигурни дека и другите помесни цркви ќе ја поздравата автокефалноста на МПЦ – ОА“ порача Патријархот Порфириј.

Инаку, заедничката литургија во храмот „Св.Климент Охридски“ во Скопје се одвива на Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.

Македонскиот поглавар г.г Стефан им се заблагодари на членовите на Светиот архиерејскиот собор на СПЦ за признавањето на автокефалноста на МПЦ.

Денешната заедничка литургија во Скопје е продолжение на затоплувањето на односите меѓу двете цркви кое почна со заедничката литургија во четвртокот во храмот Св. Сава во Белград. Двете земји и двата црковни народи оваа литургија ја означија како историски чин, со кој се потврди надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и обновувањето на канонското и евхаристиското општење.

Вселенската патријаршија на 9-ти мај ја призна за канонска МПЦ – ОА.