Секој нов ден, носи нов предизвик, нови битки кои значат живот, кои го прават животот тоа што е, постојана борба за подобро утре за нас, за нашите млади поколенија и за нашата држава, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери по повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

-Дозволете во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да упатам честитки по повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба и да Ви посакам убав празничен ден, поминат во спомен на идејата на револуционерната борба а опкружени од вашите драги и блиски луѓе. Секоја генерација, со своето бреме.

И современата историја, навеудва Џафери во честитката, не става во искушенија кои стојат пред нас на патот на исполнување на нашата зацртана цел и ова е убава прилика да се потсетиме на сите храбри и тешки одлуки кои беа донесени низ годините за градењето на државата и оддавањето почит на големите луѓе со визија и нивната несебична пожртвуваност.

-Идејата за современа, стабилна, успешна и демократска држава која обезбедува добар, квалитетен живот и благосостојба по европски терк и стандарди за сите свои граѓани кои се активни учесници во позитивните промени во Република Северна Македонија е остварлива само ако бидеме сите сплотени кон таа заедничка цел. Само тогаш ќе ја надминеме секоја препрека и невозможното ќе биде возможно! Драги граѓани, нека е честит 23 Октомври!, истакнува претседателот на Собранието Џафери.