Социјалистичката партија на Македонија оценува дека неколкудневната дебата во македонското Собрание ја покажа целосната нефункционалност и неефикасност на оваа законодавна институција, но и многу други појави.

Отворената дебата разоткри многу работи и појави кои јавноста во Македонија не ги знаеше зошто власта настојува да ги прикрие и забошоти, велат од партијата.

-Бројни афери, корупција, непотизам, крадење и лажење како и други негативни карактеристики на актуелната власт беа искажани со јасни ставови и аргументи. Тоа на граѓаните им дава прецизна слика за власта на СДС и ДУИ и за нивното злосторничко однесување против народот и македонската држава. Станува уште појасно зошто најнеспособниот премиер Ковачевски упорно одбива избори и соочување со народот. Неговиот нелегитимен мандат сака уште неколку дена да го користи за крадење и лично богатење за себе и за кликата околу него. Разрешувањето на министри и заменици и најавата за избор на нови е закочена заради опструкции од владејачките партии, затоа што токму тие одбегнуваат да се гласа за смена на министрите кои нивниот премиер ги разреши!?, се наведува во партиското соопштение.

Посочуваат дека се покажало дека се прави фарса за замајување на граѓаните да не реагираат на сиромаштијата, на тешкиот живот, на инфлацијата и на бесперспективноста што им се нуди.

Од СПМ додаваат дека владата работи против интересите на Македонија на штета на граѓаните и за штитење на интересите на други држави под чие влијане е подредена оваа губитничка структура.

-Нема област и поле на дејствување каде може да се согледаат позитивни аспекти од владеењето на оваа страховлада. Напротив, нерегуларности и рушење на сите сегменти на системот и негово доведување во стаганација и пропаст. Власта не реагира на загрозување на државноста и територијалниот интегритет на државата од империјаните напади од други страни кои се секојдневни. СПМ истакнува дека за спас на државата Македонија наместо да се зборува за владина реконструкција потребно е да се говори за оставка на најкриминалната и антимакедонска влада. Неопходни се итни парламентарни избори за да се смени оваа ненародна корумпирана и клетоманска власт. Потребно е да се изберат одговорни и способни граѓани кои ќе се борат и ќе работат во интерес на државата Македонија и за идните поколенија, се вели во соопштението.