Владата на Србија го продолжи важењето на мерките за ограничување на малопродажните цени на горивата до 31 декември, со што ќе продолжи регулирањето на цените на евро дизелот и евро премиум бензинот БМБ 95.

Со измените на уредбата, максималната малопродажна цена на двата нафтени деривати, со вклучен данок на додадена вредност (ДДВ), ќе се пресметува врз основа на просечната големопродажна цена во Србија, зголемена за 21 динар.

За евро дизелот наменет за регистрираните земјоделски стопанства, максималната цена е утврдена на 184 динари за литар.

Изменетата уредба е објавена во „Службен гласник“ и стапува во сила денеска, пренесува Танјуг.

Со прописот се забранува на максималните малопродажни цени да им се додаваат други надоместоци или трошоци што не се предвидени со уредбата или со други посебни прописи.

Механизмот за утврдување на цените останува ист. Министерството за рударство и енергетика секој петок ги пресметува просечните големопродажни цени на евро дизелот и бензинот БМБ 95, а податоците најдоцна до 13 часот ги доставува до Министерството за внатрешна и надворешна трговија.

Надлежното министерство потоа ги утврдува максималните малопродажни цени и ги објавува на својата официјална интернет-страница најдоцна до 15 часот.

За непочитување на мерките се предвидени парични казни од 5.000 до два милиона динари. На правните лица може да им биде изречена и забрана за вршење одредени дејности во период од шест месеци до една година.

Надзорот над спроведувањето на уредбата го врши Министерството за внатрешна и надворешна трговија на Србија.