Во Србија денеска стигнува вакцината „Модерна“, најави Јадранка Мирковиќ од Агенцијата за лекови и медицински помагала. Се очекува дека оваа вакцина би можела да биде достапна на пунктовите за вакцинација до крајот на неделата.

Таа додаде дека вакцината на „Џонсон и Џонсон“ е во процес на одобрување и повтори дека нема отстапувања од стандардите, прописите и барањата што секоја серија вакцини мора да ги исполнува пред да се најде на пазарот.

Мирковиќ наведе и дека проверката што ја поминува вакцината „Спутник в“ не се разликува од проверката на другите вакцини, без разлика што е произведена во Србија.

Досега во Србија се дадени близу седум милиони дози вакцини, а имало 1.175 пријави за несакани реакции.

– До вчера имавме 1.175 пријави, што е една од шест до седум илјади дадени дози, во зависност од временскиот интервал во кој ги следиме тие статистики – изјави Мирковиќ за РТС.

Несаканите реакции, според неа, обично се оние што се очекуваат и се појавуваат на местото на апликација на вакцината, како што се болка, црвенило, оток, малаксаност, треска и главоболка, а повеќе од 70 проценти од овие реакции поминуваат спонтано.