Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк остварил средба со претседателот на Владата на Словенија, Јанез Јанша. Во фокусот на разговорите биле европската перспектива на Македонија, продлабочувањето на политичката и економската соработка, како и актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа и регионот.
Мицкоски во објава на социјалните мрежи порача дека Македонија останува цврсто посветена на европската иднина и на реформите што треба да го подобрат животот на граѓаните.
„Нашиот став е јасен – европската интеграција мора да се темели на заслуги, исполнети критериуми и реални резултати, а не на нови билатерални условувања кои немаат суштинска врска со европските вредности“, напиша премиерот.
Тој нагласи дека земјата не бара привилегии или пократок пат до членството во Европската Унија, туку фер и предвидлив процес.
„Не бараме привилегии и не бараме пократок пат. Бараме фер и предвидлив процес во кој постигнатото ќе се вреднува, а Македонија ќе биде почитувана како држава и партнер“, порача Мицкоски.
Премиерот ја оцени Словенија како долгогодишен пријател на Македонија и важен партнер во Европската Унија и НАТО. Според него, заеднички интерес на двете држави е пријателството да се преточи во посилна економска соработка, повеќе инвестиции и конкретни проекти што ќе создаваат нови можности за граѓаните и стопанството.
„Македонија нема да стои во место додека го чекори европскиот пат. Ќе продолжиме да ја развиваме економијата, да ги спроведуваме реформите, да ги зајакнуваме нашите меѓународни партнерства и достоинствено да ги браниме македонските национални интереси“, напиша Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи да гради пријателства, да создава можности и да работи Македонија да биде економски посилна и почитувана држава.
