Османи и Стоев се сретнаа на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи, учесници во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во Анталија, Турција.
На средбата соговорниците ги реафирмираа заемните заложби за одржување континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.
Со особено внимание беа разгледани перспективите за постигнување на исчекор во процесот на европската интеграција на Македонија.
На средбата беше истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Бугарија и Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји.
Соговорниците заклучија дека проширувањето и продлабочувањето на билатералните односи меѓу двете земји е од заеднички интерес и во тој контекст, Османи истакна:
“Ние сме целосно посветени и подготвени за унапредување на билатералните односи со Бугарија, за зголемување на соработката и надминување на сите предизвици. Бугарија го поддржуваше напредокот во интеграцијата на Македонија во НАТО како и приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската унија. Членството на Македонија во ЕУ е стратешки интерес на Македонија и Република Бугарија и убедени сме дека двете држави и двете општества ќе изнајдат сили за да ги надминат предизвиците и недоразбирањата, врз основа на европските вредности и поттикнати од силната верба во заедничката иднина, како дел од семејството на европските демократски народи”
Османи, денеска, веднаш по завршување на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на ПСЈИЕ, заминува директно за Софија на средби со бугарскиот државен врв, како дел од владината делегација на Македонија.