Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) денеска пред Министерството за образование и наука организира предупредувачки протест за да го актуализира нивното барање за олеснување на полагањето државна матура. На протестот ќе се придружи и движењето „Студентски отпор“ од каде што соопштија дека ќе го искажат нивниот револт зашто институциите, како што велат, немаат слух за повеќемесечните барања на студентите.
ОДАС соопшти дека целта на протестот е да се истакне значењето на нивните ставови во врска со државната матура и да се забрза носењето соодветно решение. Тие од Владата и Собранието побараа годинашната генерација матуранти да имаат скратен обем на материјал за завршниот испит или да се намали бројот на интерни испити.
Претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, за МИА изјави дека оваа генерација матуранти се најоштетени и дека немале непрекинато една целосна учебна година во нивното четиригодишно средно образование.
-Бараме намалување на обемот на материјалот предвиден за полагање на матурата или скратување на еден интернет предмет. Тоа се должи на два најголеми фактора во последните четири години – бевме зафатени со корона-кризата и имавме година и пол онлајн-настава и дојавите за бомби. Во меѓувреме имаше и други фактори, рече Угриновска, која нагласи и дека нивниот проблем бара брзо решение зашто полагањето на државната матура почнува на 27 мај.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во вторникот изјави дека за ова барање ќе треба да се разгледа дали и што дозволува законот да се промени во овој период за организација на државната матура. Најави дека наредната недела ќе има состанок со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) за уште еднаш, како што рече, „да ја известиме јавноста кои се материјалите и што е предвидено во нив“ и барањето на учениците да се разгледа заедно со Сојузот на средношколци со кој, како што рече, има секојдневна комуникација.
Шаќири истакна дека за него е важно тоа што од државната матура зависат многу други процеси односно запишување на учениците што завршуваат средно образование во високообразовни установи во државава и во други земји.