Српската државјанка Нинослава Јовиќ (41) официјално е качена на Европската листа на најбарани бегалци. Холандската полиција и Европол ја означија како клучна помагачка во една од најсериозните и најдраматични пљачки на накит во Европа, тешка дури 40 милиони евра.
Грабежот се случи на познатиот саем за уметност и антиквитети ТЕФАФ во холандскиот град Мастрихт. Тогаш четворица вооружени мажи ги скршија заштитните витрини и за неколку секунди го собраа екстремно скапоцениот дијамантски накит. Според истрагата, Јовиќ не кршела витрини, туку имала логистичка улога во сенка, односно ги организирала напаѓачите, им ги подготвувала оперативните планови и директно им помагала во нивното бегство.
За информации кои ќе доведат до нејзино итно апсење, холандската полиција веќе понуди парична награда од 20.000 евра.
Покрај 41-годишната Нинослава Јовиќ, на листата на Европол од 29 октомври се најдоа уште четворица српски државјани: Александар Цениќ (50), Александар Стојиљковиќ (50), Душко Димитријевиќ (50) и Братислав Стојановиќ (41). Сите тие се наоѓаат на националните и меѓународните потерници од април оваа година, а европските безбедносни служби се убедени дека станува збор за добро организирана криминална клетка од типот на криминалната група „Пинк Пантери“.
