Пратениците во српскиот парламент и по вториот ден од конститутивната седница не успеаја да изберат претседател на Собранието. Расправата за кандидатите ќе продолжи утре во 10 часот, а гласањето би можело да се одржи попладне.
За функцијата се предложени двајца кандидати. Пратеничката група „Студентска листа“ го предложи Александар Чупиќ, додека коалицијата „Александар Вучиќ – Србија победува“ го кандидираше Стојан Раденовиќ.
Раденовиќ, како најстар пратеник, ја води конститутивната седница. Неговото претседавање предизвика реакции кај пратениците од „Студентска листа“, кои на крајот од денешната седница протестираа со мафтање со деловниците.
Во обид да се забрза постапката, „Студентска листа“ се повлече од сите предложени говорници под втората точка од дневниот ред. Ова го соопшти овластениот предлагач Југослав Гашиќ, посочувајќи дека целта е побрзо да се дојде до избор на претседател.
Од друга страна, шефот на пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија победува“ најави дека нивните пратеници ќе ги завршат излагањата до утре во 13 часот. По завршувањето на дебатата, гласањето би можело да се организира во попладневните часови.
Кандидатот на „Студентска листа“, Александар Чупиќ, на прес-конференција оцени дека денешната седница била обележана со бројни повреди на собранискиот Деловник. Според него, меѓу нив имало отстапување од темата, лични обраќања, навреди и клевети.
Чупиќ најави и дека, доколку биде избран за претседател на парламентот, ќе стави крај на ваквиот начин на водење на седниците. Тој откри и дека првиот закон за кој ќе расправа новото собрание ќе биде Законот за министерства, со кој се планира намалување на нивниот број.
Конститутивната седница предвидува и избор на заменик-претседател на парламентот, назначување генерален секретар, како и избор на членови на парламентарните работни тела и постојаните делегации во меѓународните институции.
