Му се заблагодаруваме на Претседателот на Собранието, Џафери за брзата реакција и ги повикуваме пратениците, согласно нивните надлежности, истата да ја прифатат и да го искористат своето право согласно член 132 од Деловникот за работа на Собранието и со тоа да го искористат право да предложат донесување на закон, кое право го има секој пратеник во Собранието, а треба да го искористат по иницијативата на ССМ.
Уште еднаш ги охрабруваме и пратениците, предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија доставен од страна на ССМ, согласно своите надлежности да го поддржат и предложат и тие.
Истовремено, Сојузот на синдикатите на Македонија како член на Економско – социјалниот Совет достави барање за свикување на седница на Економско – социјалниот Совет во најкус можен рок на која ќе се дискутира и разгледа иницијатива на ССМ за предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија како посебна точка на дневниот ред што впрочем е и обврска на Економско социјалниот Совет пред предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија да биде испратен од страна на Владата до Собранието за негово усвојување и примена од 1 јануари 2022 година.
Бараме пратениците веднаш да пристапат кон Законска процедура и истите да се одважат на нивото на задачата за што се избрани и да го прифатат предлогот на работниците, со што ќе биде овозможено започнувајќи од платата за месец јануари 2022 година работниците во Државата да добиваат зголемена минимална плата како и зголемени плати поради растот на минималната плата.
Претседателот на ССМ, Димовски веќе разговара со сите социјални партнери, со останатите синдикати, работодавачите, пратеници и претставниците на Владата оваа заложба на ССМ и на Владата изнесена и од страна на Претседателот на Владата, како и од владејачката пратеничка група да стане реалност.
ССМ укажува дека во услови кога Синдикалната минимална кошница за октомври 2021 година изнесува 34.893,00 денари, или истата само во 2021 година е зголемена за повеќе од 1.300,00 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата, а со дискусијата ако минималната плата дојде до висина од најмалку 18.000,00 тогаш отприлика две минимални плати би биле доволни да ја покријат синдикалната минимална кошница што би значело подобрување на животниот стандард на македонскиот работник на кој очигледно му е потреба плата за живот.
Уште повеќе, ако знаеме дека одлуката за замрзнување на цените на одредени производи завршува заклучно со 31.01.2022 година, како и очекуваното зголемување на цената на електричната енергија за најмалку 10% што исто така ќе придонесе до зголемување на Синдикалната минимална кошница и зголемување на цените, а овие трошоци ќе се плаќаат во месец февруари 2022 година, неопходно е работниците да добијат зголемена минимална плата како и зголемени плати поради растот на минималната плата согласно Закон и колективен договор.
Потсетуваме дека Македонија можеше да биде Државата која ќе ја следат останатите држави во регионот, но пратениците од Црна Гора гласаа за зголемување на минималната плата во државата на 450 евра.