Шкотската премиерка Никола Старџен денеска изјави дека е уверена дека втор референдум за независност на Шкотска може да се одржи во октомври следната година.
Британскиот Врховен суд во вторник започнува со сослушување на аргументите за дозволување гласање за отцепување без одобрение на британската премиерка Лиз Трас и нејзината влада.
На плебисцитот во 2014 година одобрен од британската влада, Шкотите ја отфрлија независноста со 55 проценти.
Сепак, Шкотската национална партија тврди дека гласањето за излегување на Британија од Европската унија две години подоцна ја променило ситуацијата.
Старџен тврди дека гласачите на изборите за шкотскиот Парламент минатата година ги поддржале партиите кои се залагаат за независност и дека се обврзани да поднесат предлог-закон за одржување референдум на 19 октомври 2023 година.
Запрашана за време на интервју за ТВ Би-Би-Си дали е уверена дека тоа ќе се случи, Старџен рече: „Да, уверена сум дека тоа може да се случи“.
„Да почекаме да видиме што ќе каже судот. Убедена сум дека Шкотска ќе стане независна“, рече Старџен.
Таа рече дека поразот на Врховниот суд ќе значи дека СНП ќе се бори на следните избори во Обединетото Кралство, кои треба да се одржат во 2024 година, исклучиво врз основа на платформата дали Шкотска треба да биде независна, претворајќи ги изборите во „де факто“ референдум.
Старџен изјави дека тоа е последно средство. „Тоа не е моја желба“, рече таа.
„Доколку се блокира начинот на кој тоа прашање правилно ќе се разгледа и ќе се одлучи за него, а тоа е законски уставен референдум… изборот е тогаш едноставен. Ќе излеземе пред народот на избори или ќе се откажеме од шкотската демократија. Сакам денеска да бидам многу јасна дека никогаш, никогаш нема да се откажам од шкотската демократија“, истакна Старџен.