МВР на Зоран Заев и на Оливер Спасовски само со факти и со вистина може да ги сопрат шпекулациите на штета на полициската единица Тигри, заради информациите дека командирот на Тигрите, Митко Даневски е едно од двете лица во Шкода Октавија по којашто имало полноќна полициска потера на скопско Водно, а во несреќа се повредени тројца полицајци? Поврзувањето на името на командирот на Тигрите Митко Даневски со вести со наслов цитирам – „Повредени тројца полицајци, се истумбале на Водно додека бркале „љубовџии“ во шкода“ го рушат реномето на оваа полициска единица, изјави на денешната прес конференција, Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека за почеток МВР на Оливер Спасовски треба сериозно да одговори и да ја каже вистината дали по несреќата во којашто се повредени тројца полицајци, со последици, причината е огромна материјална штета, а јавноста заради недостаток на информации случајот го поврзува со Даневски, е направен увид од Јавен обвинител, или Јавниот обвинител не излегол на терен?

– МВР, но и надлежното ЈО за организиран криминал мора да кажат и дали се проверени информациите, дали можеби вечерта од скопската касарна „Илинден“ е земено, и дали токму Даневски е тој којшто можеби зема службено возило Шкода Октавија, идентично на она по кое што е организирана потерата на Водно по две лица во Шкода Октавија? ЈО има на располагање и видео снимки со кои има можност да се следи возило од касарната „Илинден“ па натаму сето негово можно движење. Со тоа би се утврдила вистината која што пред се е потребна за зачувување на реномето на полициската единица Тигри. Во услови на воведена кризна состојба, во услови на забрана за движење на Водно, МВР на Спасовски со штури информации оддава или впечаток на несигурност дека МВР е способно да се носи со задачите, или дека нешто прикрива. Јавноста мора да ја знае вистината, заради чинот на Даневски, како и заради неговата блискост особено со Зоран Заев и со Оливер Спасовски, појасни Стоилковски.

Портпаролот истакна дека делумните информации од МВР креираат амбиент за недоверба на штета на единицата Тигри, и се дозволува да се шират сомнежи во македонската јавност.