„Скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија се обелодени иако за него долго време наназад се шпекулираше на втори септември годинава. Ние на новата прва пленарна седница на петти септември предложивме дополна на дневниот ред со две точки на оваа тема. Истите беа изгласани иако со различни ставови и произнесувања, но сепак добија зелено светло“, истакна пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска на денешната седница на Комисија за финансирање и буџет.

Таа рече дека точката за разгледување на Извештајот на ДЗР за Клиниката за онкологија се отвори вчера, Анкетната комисија започна со работа на петти октомври, точно по 33 дена од изгласувањето истата да биде дел од дневниот ред на 125-тата пленарна седница.

„Во меѓувреме власта се обиде да ја спласне темава со многу други скандали и настани, а сето тоа време порачувајќи и на опозицијата да не се обидува настанот да го политизира“, појасни таа.

„Прво, згрозена сум како може ваков скандал и афера да се релативизира со терминот настан. А, второ да имаше свест и совест од оваа власт уште истиот ден на втори септември Владата ќе си поднесеше оставка. Овде не се работи ниту за настан, ниту за несреќа. Овде се работи за злосторство, за убиства и тоа со намера“, нагласи Стојаноска.

Таа посочи дека во случајот со „Онкологија“ лицата кои манипулирале со здравјето и животот на пациентите болни од рак свесно знаеле што прават, и затоа ова не е настан, ниту несреќа туку е намерно злосторство односно убиство.

„И ова не е политизирање на овој грозоморен скандал туку ова е реалност која се должи на невниманието, на непрофесионалноста и на неодговорноста на власта“, нагласи пратеничката.

„Истата оваа власт многу добро знае да се фали дека во нејзино време Македонија стана членка на НАТО, дека во нејзино време започна скрининг процесот за отпочеток на преговорите за влез во ЕУ иако за членството во НАТО гласавме сите пратеници. Затоа убаво или сосема аналогно на ова би било и актуелната власт да си прифати сопствената одговорност за ова злосторство и да не релативизира или да фрла обвинувања кон опозицијата“, рече Стојаноска.

Таа порача дека да не беше опозицијата на оваа тема немаше да се говори.