-Денес токму се поднесе оваа предлог – Резолуција од наша страна, имено и согласно членот 183 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија ставот 2 вели дека со Резолуција Собранието укажува на состојби, потреби и мерки кои што треба да се преземат во одредена област. Значи со оваа Резолуција ние како пратеничка група во Собранието предлагаме да се утврдат државните позиции кои што треба да се заземат при преговарањето за евроинтеграции, а воедно нели при појавата на одредени блокади кои што гледаме дека стануваат секојдневие, истакна Дафина Стојаноска, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „10 минути“ на ТВ21.

Стојаноска додаде дека пратениците од други партии можат да се потпишат на Резолуцијата и заеднички во Собранието да се донесе за доброто на Република Македонија.

-Тука се работи за државнички позиции кои што Република Македонија конечно ќе ги заземе при преговорите. И сметам дека само овој документ на власта ќе им биде од помош при преговарањето и при заземањето на една рамноправна положба кога се преговара бидејќи не смееме да се доведеме во состојба некој нас да не уценува, ние да бидеме уценуваните кога се работи за македонскиот јазик, за македонската историја, култура односно за македонските црвени линии, а тоа се македонскиот идентитет, појасни Стојаноска.

Стојаноска посочи дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат како свој просторен така и свој временски континуитет и согласно меѓународните права за еднаквост и за почитувањето на различностите не треба да се дозволи некој да помисли или да се меша во внатрешни работи на една држава.

-Македонија според Уставот е рамноправна, независна и суверена држава. Значи ако ние се поставиме во таква позиција тогаш јас не би се зачудила утре да се појавата и други уцени, други барања, други условувања, и така се подалеку остануваме на патот кон евроинтеграциите. Затоа е потребно да заземеме еден цврст став кој што став ќе биде поткрепен со поддршка од сите останати пратеници и така би ја олесниле позицијата која што треба да ја брани власта во моментов, оние кои што се задолжени за водење на надворешна политика итн., нагласи Стојаноска.