Лажна е тезата дека нема средства за покачување на платите, ниту е точно дека не се прифатени барањата на синдикатите, рече денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Реплицирајќи му на колегата од СДСМ Митко Трајчулески во рамки на расправата за ребалансот на Буџетот, Стојаноски напомена дека се што е преземено како договор и обврска од претходната влада, оваа Влада соодветно ќе го испочитува.
Според Стојаноски, за Буџетот во 2025 година сите работници ќе бидат слушнати и сите нивни барања ќе бидат вкалкулирани во планот на ВМРО-ДПМНЕ за следните четири години.
-Лага е дека нема средства за покачување на платите. Апсолутно не е точно и дека не се прифатени барањата на синдикатите. Ова е предлог-ребаланс со кој треба до крајот на годината да бидат исплатени сите обрвски преземени од претходната власт, а за кои нема средства. Во првично панираниот буџет не биле предвидени 4,1 милијарда денари за исплата на плати до крајот на годината. Во многу институции тие средства биле планирани само до шестиот месец, истакна Стојаноски.
Според него, оваа Влада ќе биде исклучително квалитетен партнер во социјалниот дијалог со синдикатите.
-Како што не ги заборавивме пензионерите и до крајот на годината, дури и со ваков дефицит, успеавме да изнајдеме средства за да ги покачиме пензиите за 2 500 денари до крајот на годината, исто така ќе бидат испочитувани и ветувањата кон работниците. Со новиот Буџет ќе бидат пресметани средства за раст на платите зашто концептот на ВМРО-ДПМНЕ за економијата е прво реализација на капиталните инвестиции, а второ – покачување на платите и пензиите, како и стимулирање на потрошувачката со што ќе се покачат и приходите во Буџетот, подвлече Стојаноски.