Македонија е во позитива додека дел од европските економии забавуваат

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција изјави дека официјалните статистички податоци покажуваат позитивни движења во индустријата и, како што рече, потврдуваат дека економските политики на Владата даваат резултати.

„Денес ќе зборувам за резултатите во индустријата и за ефектите од економските политики кои Владата ги спроведува во изминатиот период. Она што е најважно е дека бројките зборуваат сами за себе“, рече Стојаноски.

Тој посочи дека според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во 2026 година бележи раст.

„Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во 2026 година индустриското производство бележи раст од 7,6 проценти во однос на 2025 година. Во исто време, кумулативно за 2026 година индустриското производство е во позитивна зона и бележи раст од 0,2 проценти“, изјави Стојаноски.

Поддршката за компаниите како двигател на растот

Според него, особено значајно е што ваквите резултати се постигнуваат во период кога голем број европски економии се соочуваат со забавување на индустриската активност.

„Во услови кога голем дел од европските економии се соочуваат со забавување на индустриската активност, кога индустриското производство во многу држави е во негатива, Македонија е во позитива. Ова не е случајност. Ова е резултат на јасна економска политика и директна поддршка на домашните компании“, нагласи тој.

Стојаноски посочи дека значаен придонес има кредитната линија наменета за стопанството.

„Владата обезбеди силен финансиски поттик за стопанството преку кредитната линија од 230 милиони евра наменета за домашните претпријатија. Тоа се средства кои не останаа само бројка на хартија, туку завршија во нови инвестиции, нова опрема, проширени капацитети, поголемо производство и нови можности за развој“, рече пратеникот.

Растот доаѓа од преработувачката индустрија

Тој оцени дека е важно што растот е поттикнат од секторите што создаваат најголема додадена вредност.

„Особено значајно е што растот доаѓа од преработувачката индустрија, секторот кој создава најголема додадена вредност и кој е двигател на извозот и економскиот развој“, изјави Стојаноски.

На крајот, порача дека Владата ќе продолжи со поддршката на стопанството.

„Ќе продолжиме со поддршка на домашната економија, на македонските компании и на македонските работници, затоа што само со силна индустрија можеме да обезбедиме повисок животен стандард, повисоки плати и посилна македонска економија. Времето на стагнација завршува. Македонија повторно произведува, инвестира и напредува“, истакна Стојаноски.