Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека платите растат побрзо од цените
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција изјави дека официјалните статистички податоци покажуваат значителен раст на платите во државата, нагласувајќи дека тие растат побрзо од цените и, како што рече, придонесуваат за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Официјалните податоци потврдуваат дека платите во Македонија бележат значителен раст.
Во март 2024 година просечната нето-плата изнесувала 40.496 денари, додека во март 2026 година достигнала 48.433 денари.
Тоа значи дека за две години просечната нето-плата е зголемена за близу 8.000 денари, односно за 19,6 проценти“, рече Стојаноски.
Реален раст на платите од близу 11 проценти
Тој посочи дека во истиот период растот на цените бил значително понизок.
„Во истиот период, растот на цените изнесува 7,8 проценти. Кога растот на платите ќе се коригира со растот на цените, реалното зголемување на просечната плата изнесува близу 11 проценти.
Тоа значи дека платите не само што го следат растот на цените, туку растат значително побрзо и реално ја зголемуваат куповната моќ на граѓаните“, истакна Стојаноски.
Раст во повеќе сектори
Според него, зголемувањето на платите е евидентно во повеќе стопански гранки.
„Растот е присутен во сите клучни сектори. Најголемо зголемување во апсолутен износ има во информациите и комуникациите, транспортот и складирањето и рударството. Процентуално, највисок раст има во транспортот, дејностите поврзани со недвижен имот и образованието.
Овие бројки се потврда дека економските политики даваат резултати и дека приходите на вработените растат“, рече Стојаноски.
Тој додаде дека приоритет, како што наведе, останува понатамошното подобрување на животниот стандард.
„Нашата цел останува јасна: платите да продолжат да растат побрзо од цените, да се отвораат подобро платени работни места и граѓаните да имаат повисок животен стандард“, порача Стојаноски.
