-Сакам да ја образложам постапката односно потребата од носење за законот за акцизи по итна постапка закон кој што по трет пат го поднесуваме по ред, и закон кој што треба да ги намали акцизите на горивата за 50%. Законот го поднесовме заедно со координаторот Никола Мицевски во името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ на 05.05.2022, а еве скоро еден месец подоцна се наоѓа можноста односно ја создаваме можноста да дискутираме по потребата за носењето на овој закон и ако видиме по тоа дека е поднесен по итна постапка тогаш ако бил поднесен по редовна или по скратена постапка којзнае за колку време ќе му требало да се најде на пленарна седница. Зошто го бараме ова? Сметаме дека 50% помалку акцизи е насушна потреба бидејќи во вашиот предлог ребаланс на Буџетот за што брутално ја излажавте јавноста дека сте скратиле 200 милиони евра и непродуктивни трошоци, имате зголемени приходи по однос на данок на додадена вредност и по акцизи со што укажувате дека немате намера да се откажете од приходите за да му помогнете на народот, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница критикувајќи ја власта што никако не помогна на граѓаните за справување со кризите.
Стојаноски додаде дека власта и во ек на криза продолжи со луксузирање и пљачкање.
-Во овој момент македонскиот народ мора да знае дека ЕУРОСУПЕР БС 95 го плаќа по 110 денари за литар. По акциза и плаќа на државата 22 денари, а по основ на 18% ДДВ 16.78 денари по литар. За ЕУРОСУПЕР БС 98 го плаќа 112 денари по литар, 22 денари акциза по литар и ДДВ 18% е 17,01 денар по литар гориво. За ЕУРОДИЗЕЛ БС плаќа 102 денари, по акциза 15,5 денари, а ДДВ 18% е 15,56 денари за литар. Со нашиот закон, со овој закон кој што ние го предлагаме кога ќе ги споиме моделите на нашиот предлог закон за акцизи од 50% и до ДДВ за 5% веднаш ќе се намали цената за ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе биде 86,3 денари по литар, за ЕУРОСУПЕР БС 98 ќе биде 88,1 денар по литар гориво, а за ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе биде 82,4 денари. И како ќе стигнеме до тоа? Ако ја намалиме акцизата за 50%, акциза тогаш за ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе биде 11 денари, а по основ на 5% од ДДВ ќе биде 4,1 денар. А, за ЕУРОСУПЕР БС 98 акцизата ако се намали за 50% ќе биде 11 денари, а по основ на 5% од ДДВ ќе биде 4,2 денари по литар. И за ЕУРОДИЗЕЛ БС акцизата ако се намали за 50% ќе биде 7,5 денари, а ДДВ од 5% ќе биде 3,92 денари по литар, појасни Стојаноски.
Стојаноски ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да го поддржи предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“.
-Ве повикувам веднаш и неодложно да се надминете себеси и уште денеска да го донесеме овој закон. Јас во изминатите денови во моите јавни настапи јавно ветив дека доколку вие ја изгласате потребата од овој закон веднаш и експресно ќе свикаме комисија за финансирање и буџет и ќе го поминеме ова законско решение. Затоа што ова не само што ги оптоварува семејните буџети на семејствата или на граѓаните, ова сериозно ги оптоварува и сите оние кои што се занимаваат со транспортен сектор. Ќе се повикам и тука на Здружението на транспортери МАКАМ транс кое што јасно укажува дека ако нема директна помош за транспортерите за оние кои што превезуваат патници и стоки ќе има генерални штрајкови, нагласи Стојаноски.