Безидејноста, неспособноста и арогантноста на власта сега излегува на површина. Имено, денес е 16ти декември, две недели пред Нова година, и замислете дури денес во Собранието ќе се расправа за дел од даночната реформа на Владата која треба да стапи на сила од 01.01.2023 година. Ова е огромна неизвесност и непредвидливост за приватниот сектор, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.
-Владеењето на СДСМ и ДУИ во делот на даночната политика во текот на целиот мандат е проследено со неизвесност. Во текот на 2018та прогресивното оданочување го воведе министерот Драган Тевдовски, потоа очигледно поради лошата реформа, беше разрешен и на негово место беше донесена Нина Ангеловска која во текот на првата година од тогашната реформа го одложи прогресивното оданочување до 2023та година. Повторно неизвесност. Владата и новиот министер за финансии, Фатмир Бесими, со месеци ја држеа јавноста во неизвесност околу повторното стапување во сила на прогресивното оданочување. И овој пат, неизвесност и несигурност. ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ уште на 11ти ноември 2022 година поднесе и законско решение со кое баравме одложување на прогресивното оданочување, но пратениците од мнозинството го одбија. До пред една недела ни колегите од мнозинството не знаеја што содржи даночната реформа и без да се впуштаат во дебата ги одбиваа предлозите на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, вели Стојаноски.
Тој додава дека ВМРО – ДПМНЕ како политичка партија и ние како пратеници сме против концептот на прогресивно оданочување и сметаме дека во моментов во Македонија е потребно и понатаму да се применува концептот на рамен данок, со постепено намалување до 8%.
-Единствената позитивна вест е дека конечно СДСМ призна и се откажа од нејзините даночни авантури и конечно прифати дека рамниот данок воведен од ВМРО-ДПМНЕ е стабилен, развоен и предвидлив даночен концепт, поволен и за стопанството и за граѓаните. Месец дена подоцна, по инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ на денешната комисија, а и во процедура во Собранието, на пленарната седница се најде ова законско решение со кое што треба да се одложи прогресивното оданочување. СДСМ после 13 години како партија и 5 години како Влада се откажа од нејзините даночни импровизации и конечно прифати дека даночниот концепт на ВМРО – ДПМНЕ е подобро решение за македонската економија, македонското стопанство и македонските граѓани. Колку економските политики на СДСМ се кредибилни говори токму нивната таканаречена реформа „правичен данок“ кој доколку се сеќавате, беше една од главните ветувања во 2016та и 2020та година. Таканаречената даночната реформа од која токму денес тие се откажуваат, беше дел од сите нивни предизборни програми во изминатите 14 години. Тоа зборува за нивната конзистентност и концепт во областа на даночната политика. Сакам да истакнам дека ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, на колегите од мнозинзството им препорачуваме почесто да ги слушаат советите на ВМРО-ДПМНЕ. Кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата, ние бевме една од најбрзо растечките економии во регионот, додека пак кога СДСМ е на власт, од аспект на економијата ние константно доживауваме порази. Токму затоа, неопходни се брзи предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе кажат стоп на корупцијата, неспособноста и расипништвото, а ќе изберат напредок, развој и економски просперитет, вели Стојаноски.