Претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов се закани со одземање на пасошите на сите жители на Пустец, Албанија доколку на пописот што е во тек, не се попишат како етнички Бугари.
Тој појаснува дека доколку тамошните жители, се во процедура за пасош, таа ќе им биде прекината, со што испрати притисок и закана.
Стојанов додава дека веќе има еден таков живот.
Амбасадорот на Бугарија во Република Албанија, Ивајло Киров, допатувал во Пустец, во време кога во Албанија се одржува пописот на населението и домаќинствата и граѓаните ќе бидат прашани и за нивната етничка припадност.
Потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Ефтим Митревски оваа посета ја оценил како мешање и форма на притисок и оти „не е нормално на ваков начин Бугарија да се меша во внатрешните работи на Албанија“.
Претседателот на македонското друштво „Мост“, Бесник Хасани исто така информира дека бугарскиот амбасадор ги убедувал Македонците да се попишат како Бугари на пописот, притоа делејќи им на улица бесплатни електронски уреди – таблети и телефони.
Свое видување искажа и Никола Ѓурѓај, уредник на македонскиот весник „Илинден“ во Албанија. Според него, секому му е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Република Албанија.
-Фактот што ефектот од сите тие фрлени средства за денационализација на Македонците во Република Албанија досега не го донесе посакуваниот ефект, секако, ги насочува сите сили во правец на насилно побугарување на Македонците во Република Албанија, а особено во областа Мала Преспа, вели Ѓурѓај.