Блокадата ќе трае два часа
Бугарската Фондација „Македонија“ најави дека в недела ќе ги блокира трите гранични премини меѓу Бугарија и Македонија. Според најавата, блокадата ќе трае два часа, од 11 до 13 часот, а активностите се координирани со бугарското Министерство за внатрешни работи.
Од Фондацијата обвинуваат за прогон на Бугарите
Од организацијата соопштија дека целта на мирната блокада е да му испратат порака на премиерот Христијан Мицкоски дека, според нив, не може да продолжи прогонот на Бугарите во земјава, како и нападите и судските пресуди што ги оценуваат како измислени.
Тие порачаа дека со протестот сакаат да покажат дека ќе реагираат на, како што наведуваат, „агресијата што Скопје ја врши“ врз Бугарија и бугарскиот народ.
Најавата следува по палењето на дипломатските возила
Блокадата е најавена откако пред два дена беа опожарени две дипломатски возила на бугарската Амбасада во Скопје, настан кој од Фондацијата беше оценет како форма на тероризам.
Оттаму нагласуваат дека нивната намера не е да го попречат движењето на граѓаните преку границата, туку да испратат порака до македонската влада.
Претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, од октомври 2023 година има забрана за влез во земјава на неодредено време. Претходно му била изречена забрана во траење од една година и три месеци, а по нејзиното истекување бил вратен од границата бидејќи мерката била продолжена.
