Тоа што на народот му пречи е што оваа влада ја поткопува колективната меморија на македонскиот народ, како намерно да сака да ја намали важноста и вредноста на Гоце Делчев. Кога славиме 150 години од раѓањето на Гоце Делчев не го славиме само него, туку тоа што тој ни го оставил како аманет, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска на денешната трибина насловена „Гоце е Македонија“, додавајќи дека власта со своите изјави го докажуваа своето полтронство и како да не сакаат да кажат дека се Македонци и дека сакаат да ги исполнат желбите на другите, а не на својот народ.
Таа прашува каква е таа држава во која опозицијата нуди Декларација да се афирмира заложбата за заштита на ликот и делото на Гоце Делчев и чуму ни е ваква власт која не се грижи ниту за државата ниту за народот?
– Доколку власта го слуша својот народ и види што има во неговата колективна меморија втемелено, нема да може да пласира спротивни информации и да исполнува барања. Ако се погледне во колективната меморија на македонскиот народ од една страна и во колективната меморија на бугарскиот народ од друга страна, ќе најдеме дека Гоце Делчев е на прво место во македонската наука и колективна меморија, додека во бугарската не н и во први 50 и тоа е научен факт, рече Стојкова Серафимовска.
Стојкова Серафимовска потсети дека во Бугарија нема ниту една песна посветена на Гоце Делчев, за разлика во Македонија, Гоце Делчев е втемелен на врвот на нашиот пантеон во народната колективна меморија, опејувани се неговото раѓање неговата жртва, неговата смрт, дека Македонија е неговата животна избраничка, го дава цел личен живот за создавање на самостојна Македонија и самобитноста на македонскиот народ.
– Во Македонија има континуитет на ликот и делото на Гоце Делчев, но и на неговата порака дека народите треба да имаат културен натпревар меѓу себе. Гоце Делчев во Македонија се чествувал отсекогаш со најголеми почести, постоеше и манифестација „Гоцеви денови“ која ја ширеше неговата порака. Ова што сега го прави македонската влада со Бугарија, со овие преговори е насилно институционално, а не природно. Во Бугарија нема да најдете раскази посветени на Гоце Делчев од исклучително важни писатели како што кај нас е Блаже Конески кој посветува бројни песни на Гоце Делчев, а во Бугарија нема да најдете песни посветени на Гоце Делчев кои се учат уште во прво одделение, додека кај нас тоа го има. Бугарија сака вештачки да создаде мит од Гоце Делчев, рече Стојкова Серафимовска.
Во врска со омаловажувањето на сопствениот народ , но и ликот и делото на „Гоце Делчев“ со цел да им се додворат на Бугарите, таа изјави дека од оваа власт може да се очекува и да му забрани на народот присуство на чествувања.
– Очекувам дека власта постепено ќе забранува да има луѓе на 4 мај денот на загинување на Гоце Делчев, како што забранија на Мечкин Камен на „2 Август“, затоа што ова е влада која што не си го слуша својот народ, истакна Стојкова Серафимовска.