Увозот на работна сила полека но сигурно станува реалност и во Македонија. Шест работници од Индија веќе пристигнале и работат во Свети Николе, тврди претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Анѓел Димитров, според кој агенцијата ги обезбедува работните визи, транспортот, прегледите на работниците од странство и зема одреден процент за тоа, а работодавачот е должен да обезбеди престој.
Но, за колкави средства работат овие странски работници?
И додека домашното работоспособно население се иселува претежно во побогатите земји, нивните испразнети места ќе ги пополнуваат странци. Зголемена конкуренција и помала плата, вака економистот Глигор Ивановски го коментира увозот на работна сила во државата.
Градежништвото, туризмот и угостителството, засега се едни од најпогодените сектори во земјава, а според надлежните, македонската економија има недостаток од десет илјади работници годишно, за да може стопанството да функционира нормално, но оваа бројка се очекува да расте со почетокот на летната сезона, бидејќи дел од македонските граѓани веќе заминуваат во соседните држави на сезонска работа.