Зголемување на просечниот престој на странските и домашните гости, проширување на туристичката понуда низ повеќе региони во текот на целата година и значително подобра институционална координација претставуваат клучните цели на Нацрт-националната стратегија за развој на туризмот 2027-2032, за која беше спроведена јавна расправа.
Професорот Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид детално образложи дека новиот стратешки документ се потпира на четири основни столба: создавање и развој на конкурентни туристички производи со нивно поефикасно пласирање, континуирано подигнување на квалитетот на дестинациите, директна поддршка за работниците и бизнисите во секторот, како и воспоставување на целосно ефикасен систем за управување со туризмот.
„Имаме исклучителни ресурси, ама производите не ги следат ресурсите, односно квалитетот на туристичките производи мора да се подигне. Не само квалитетот, туку и нивната можност за продажба и резервација, тие да излезат на пазарот“, нагласи Коруновски.
Тој потенцираше дека иако државата бележи континуиран раст на вкупната бројка на посетители, примарната цел мора да биде зголемување на времетраењето на нивниот престој во земјата.
„Затоа мерките се насочени кон зголемување на просечниот престој, а не на бројот на туристи“, истакна Коруновски.
Како еден од главните проблеми во секторот беше посочено тоа што актуелните туристички движења се претерано сконцентрирани само во Охрид и Скопје и се одвиваат во ограничен дел од календарската година.
„Имаме ресурси насекаде, ама само Охрид и Скопје се посетени. Треба да го дисперзираме туризмот и временски, во повеќе сезони, и просторно, во многу повеќе места кои досега туристите не ги посетувале“, оцени Коруновски.
Новата стратегија предвидува засилена институционална координација при дефинирањето на развојните планови, воведувањето на нови авиолинии и применување нови модели за локално управување со помош на почетни пилот-проекти наместо административно наметнување решенија без соодветна теренска проверка.
„Планираме три типа туристички организации кои прво ќе се тестираат преку пилот-проекти во првите две години. Ќе се следат резултатите, ќе се анализира нивното функционирање и врз основа на тоа ќе се прават интервенции во наредниот акциски план“, подвлече Коруновски.
Во однос на капацитетите за прием на гости, анализите покажуваат дека земјата располага со сосема задоволителни сместувачки капацитети за сервисирање на проектираниот раст на прометот.
„На ниво на држава искористеноста на годишно ниво на кревет е 30%. Значи, има простор“, дополни Коруновски.
Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани посочи дека туристичката гранка бележи нагорен тренд, но оти фокусот мора да биде насочен кон создавање вистинска додадена вредност за локалното население и регионалните стопанства.
„Пред нас останува важна задача: посетителите да престојуваат подолго, да ја откриваат земјата во текот на целата година и да ги посетуваат сите наши региони. Затоа оваа стратегија не се фокусира само на бројот на туристи, туку и на вредноста што туризмот ја создава за посетителите, бизнисите и локалните заедници“, изјави Сулејмани.
Тој додаде дека природното и културното наследство на државата мора плански да се чува и одржливо да се користи преку сите дефинирани мерки.
„Туризмот треба да придонесува за нивна заштита и да создава можности за развој во сите региони. Нејзиното спроведување ќе бара координација и посветеност од сите нас“, изјави Сулејмани.
Швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер подвлече дека новиот документ претставува клучен чекор кон градење на конкурентен сектор, потсетувајќи на долгогодишната швајцарска поддршка преку програмите ИМЕ и СИППО насочени кон унапредување на пазарните услуги и промоција на меѓународните пазари.
„Швајцарија повеќе од една деценија го поддржува развојот на туризмот во Северна Македонија. Преку Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ и Швајцарската програма за промоција на извозот (SIPPO) соработувавме со јавните институции, бизнис-заедницата и други партнери и заедно придонесовме за зајакнување на управувањето со туристичките дестинации, унапредување на туристичките производи и услуги и отворање пристап до нови меѓународни пазари. Ова долгогодишно искуство ни потврди една клучна лекција: туризмот бара сеопфатен и одржлив пристап“, порача Зомер.
Јавната дебата ја заокружува финалната консултативна фаза во изработката на националниот план до 2032 година, при што се опфатени институциите, локалните власти, стопанските комори, универзитетите и граѓанскиот сектор за обезбедување сеопфатни придобивки за заедниците во земјата.
