Во Основниот суд во Приштина денеска започна првото рочиште за нападот во Бањска, при што адвокатот на семејството на убиениот полицаец Африм Буњаку побара доживотен затвор за обвинетите.
На почетокот на рочиштето, обвинетите Владимир Толиќ, Благоје Спасојевиќ и Душан Максимовиќ се изјаснија за невини по обвиненијата за тероризам, финансирање тероризам и тешки кривични дела.
Тројцата беа уапсени по нападот во септември 2023 година во Бањска, кога вооружена група Срби ја нападна косовската полиција, при што беше убиен наредникот Африм Буњаку. Во престрелката што следеше загинаа и тројца напаѓачи.
Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоиќиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, за кого се верува дека се наоѓа во Србија заедно со дел од групата.
За уште 42 обвинети, кои се на слобода, е побарано судење во отсуство, а за нив е издадена меѓународна потерница.
Специјалниот обвинител Наим Абази изјави дека видео снимките ќе покажат дека нападот бил однапред планиран и добро организиран, при што биле оштетени и објекти на цивили во тој реон.
Одбраната, пак, тврди дека обвинетите не учествувале во нападот. Спасојевиќ и Толиќ изјавија дека не нападнале ниту убиле никого, а Толиќ посочи дека бил во Бањска на денот на нападот, но од друга причина.
Адвокатите на оштетените ја поддржаа тезата на обвинителството, додека постапката продолжува со изведување докази.
