Кривичен суд потврди обвиненија против 36 осомничени лица
Основниот кривичен суд Скопје го одобри во целост обвинителниот акт за случајот „Адитив“. Со ова е оформен кривично-правен предмет кој преку системот АКМИС ќе биде доделен на судија за понатамошна постапка.
Советот за оценка на обвинителен акт, по разгледување на содржината на обвинението и поднесените приговори, донесе решение со кое ја потврди оправданоста на целокупниот обвинителен акт. По определување на судија и закажување на главната расправа, терминот ќе биде јавно достапен преку Календарот на судења на веб-страницата на судот.
Обвинителството обвинува за сериозен организиран криминал
Обвинителниот акт беше поднесен од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 27 февруари 2025 година. Обвинети се 31 физичко и 5 правни лица. Тие се товарат за сериозни кривични дела поврзани со организиран криминал, злоупотреба на јавни набавки и перење пари.
Првообвинетиот се товари за кривично дело „Несовесно работење во службата“, додека шестмина се обвинети за „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“. Четворица од нив се соочуваат и со обвиненија за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Низа кривични дела – од злоупотреби до перење пари
Во обвинителниот акт, 12 лица се обвинети за „Злосторничко здружување“ и „Продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување“. Двајца од нив се соочуваат и со обвиненија за перење пари. Дополнително, четири лица се обвинети за комбинирано извршување на злосторничко здружување и перење пари, а други четири само за злоупотреба на службената положба. Последната група од четири лица се товарат исклучиво за перење пари.
Извор: Курир