Тројцата судии пријавени на огласите за избор на претседатели на Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга ги исполнуваат условите за учество во понатамошната постапка. Судскиот совет денеска констатираше дека нивните пријави биле поднесени навреме и дека доставената документација е комплетна.
За претседателската функција во Апелацискиот суд Скопје се пријавиле судиите Зоран Герасимовски и Лидија Зимбовска. Единствен кандидат за претседател на Основниот суд Струга е судијата Танче Петревски.
По разгледувањето на документацијата, Судскиот совет ги усвои извештаите на Комисијата за проверка на навременоста на пријавите и комплетноста на документацијата по објавените огласи. Со тоа постапката за избор на претседатели на двата суда продолжува во следната фаза.
На денешната седница Советот го усвои и извештајот од извршената работна посета на Основниот кривичен суд Скопје.
Судскиот совет, исто така, избра и разреши судии-поротници за основните судови во Виница, Дебар, Кочани, Охрид и Радовиш.
Претходно на истата седница беа избрани претседатели на основните судови во Гостивар, Дебар и Свети Николе. Советот ги усвои и тримесечните извештаи за работата на судовите во периодот од април до јуни 2026 година, при што судовите на ниво на државата беа оценети како неажурни.
