Во својот извештај за економиите на Европа и Централна Азија објавен синоќа, Светската банка дава прогноза за брз развој и зголемена конкуренција по повлекувањето на Ковид-19 пандемијата.

За економијата на Македонија се вели дека иако опаднала поради ударот од Ковид-19 во 2020 година, при што стапката на сиромаштија пораснала од 1 до 4 отсто, владините мерки за борба со неа помогнале и економијата го обновила развојот во 2021 година.

-Ова е помогнато од силната побарувачка однадвор и отворањето на приватната потрошувачка, се вели во извештајот.

Се додава дека се зголемиле извозот и увозот, со поголем увоз на штета на трговскиот баланс. Од СБ забележале и раст на производството во сите сектори, со оглед на минатогодишната ниска стартна позиција. Најбрза обнова е забележана во трговијата, транспортот и туризмот, како и во фабричкото производството и информатичко-комуникациските технологии.

-Економскиот развој на земјата во 2021 година се очекува да отскокне до 4,6 отсто, до стапка на развој забележана пред ширењето на пандемијата. Почетниот показател е заснован на претпоставката дека стапката на вакцинација ќе продолжи, нема да има понатамошни карантини, увереноста на потрошувачите и инвеститорите останува висока, а надворешната побарувачка продолжува, велат од СБ.

СБ прогнозира развој и постепена стабилизација на нашата економија и во 2022 година со раст на БДП од 3,7 отсто, додека сиромаштијата да продолжи да се намалува во 2021 и годината потоа.

СБ очекува и постепено намалување на фискалниот дефицит по најновите планови на Владата за зголемени капиталните инвестиции. На среднорочен план јавниот и државно гарантираниот долг е прогнозиран до 2023 година да се зголемува до 65 отсто од БДП .

-Со продолжителната обнова на економијата властите ќе треба да го засилат исполнувањето на даночните обврски, да го реструктуираат и приоретизираат трошењето, да ги решат долгорочните пречки во развојот и да го подобрат менаџирањето на јавните финансии. За да се интензивира развојот земјата треба да го насочи вниманието на изведба на структурни и институционални реформи, се вели во извештајот на СБ.