На 26 јули се одбележува Меѓународниот ден против зависност од дроги и илегална трговија. По тој повод на прес-конференцијата што се одржа во канцеларијата на ОН во Виена, Меѓународната канцеларија на ОН за дрога и криминал (UNODC) го презентира Светскиот извештај за дрога 2021 година.

Во извештајот се нагласува дека употребата на дрога е зголемена за 22 проценти во периодот 2010 – 2019 година, а светската популација во истиот период се зголеми за 10 проценти.

Исто така, во извештајот се предупредува дека има сериозно зголемување на бројот на луѓе кои страдаат од болести поради употреба на дрога и чекаат на лекување.

Според извештајот, 36 милиони луѓе доживеале разни заболувања поради употреба на дрога во 2019 година.

Се наведува дека 275 милиони луѓе низ светот користеле дрога во 2019 година. Поради употребата на психотропни супстанции, зголемени се и болестите, се посочува во извештајот, и се додава дека лицата имале сериозни проблеми во наоѓањето можности за лекување, а само едно од осум лица можело да добие стручна помош во 2020 година.

Во извештајот се посочува дека 200 милиони луѓе користеле марихуана, додека 62 милиони луѓе користеле синтетички лекови наречени „опиоиди“, 27 милиони луѓе користеле амфетамини и стимуланси на рецепт, додека 20 милиони луѓе користеле кокаин.

Меѓу другото, во извештајот се вклучени и здравствените проблеми кои ги предизвикува употребата на дрога.

„Единаесет милиони луѓе инјектирале дрога во 2019 година“, се подвлекува во извештајот, и се додава дека 1,4 милиони од нив носат ХИВ, а 5,6 милиони го носат вирусот хепатит Ц.

Луѓето кои инјектираат или користат дроги имаат 29 пати поголема веројатност да заболат од ХИВ отколку општата популација.

Глобалното производство на кокаин е скоро двојно зголемено во текот на периодот 2014 – 2019 година, достигнувајќи околу 1.784 тони во 2019 година, што е највисоко ниво досега.

Европа е на прво место меѓу регионите каде што најмногу се консумира кокаин, и покрај делумното намалување. Светот со кокаин најмногу се снабдува од Колумбија.

Во извештајот, во кој се забележува дека пазарот на метамфетамин е проширен и во Југоисточна Азија и Северна Америка, како примери за таквата состојба се наведуваат случувањата во Мјанмар, каде во моментов е доминантна нестабилноста и Мексико, каде припадниците на организираниот криминал имаат сериозна моќ.

Гада Фати Вали, директорот на UNODC, оценувајќи го извештајот, рече дека повисоката стапка на употреба на дрога е директно поврзан со недостигот на свесност за ризиците што ги носи употребата на дрога.

– Наодите од извештајот на УНОДК во 2021 година ја потенцираат потребата да се затвори јазот помеѓу перцепцијата и реалноста, со цел да се едуцираат младите и да се заштити јавното здравје, рече Вали.

Нагласувајќи дека главниот слоган на годинашниот Меѓународен ден за борба против употребата на дрога и криумчарење е „сподели ја вистината и спаси животи“, Вали рече дека е многу важно со научни податоци да се подигне јавната свест.

– На овој начин, меѓународната заедница, владите, невладините организации, семејствата, земајќи ги предвид младите, можат да носат одлуки и да се преземат повеќе чекори за заштита и лекување, додаде Вали.

Ангела Ми, раководителка на единицата за истражување на UNODC, рече дека извештајот за оваа година анализира како ќе се обликува иднината на употребата на дрога, имајќи ги предвид целите на ОН за одржлив развој.

Во согласност со направените анализи, како што истакна Ангела Ми, потрошувачката на лекови во светот ќе се зголеми за 11 проценти во 2030 година, а најголем пораст ќе има во Африка со 40 проценти.

Посочувајќи дека особено невработеноста и сиромаштијата играат одлучувачка улога во зависноста од дроги, Ангела Ми истакна дека ќе има зголемување од 43 проценти во земјите со ниски примања и 10 проценти во земјите со среден приход во 2030 година.

Според Ангела Ми, намалување од 1 процент ќе има во земјите со високи приходи.