Светската здравствена организација ја оцени вирусната мутација Б.1.617 како светски загрижувачка. „Располагаме со информации кои укажуваат на зголемена преносливост на оваа вирусна варијанта“, изјави експертката на СЗО Мариа Ван Керхове, иако податоците треба допрва целосно да се анализираат.
Досегашните резултати од студиите покажуваат и дека човековиот имунолошки систем може да реагира поинаку на оваа варијанта, но нема докази дека тестовите за коронавирус, лековите или вакцините се помалку ефикасни против индискиот сој.
Варијантите на ковид-19 од страна на СЗО се поделени во две категории: варијанти под надзор, кои се широко распространети, и загрижувачки варијанти, кои се позаразни и потешки за сузбивање или пак водат кон потешки форми на заболување.
Досега СЗО како загрижувачки ги класифицираше тн. британска варијанта, јужноафриканска и бразилска.
Во Индија со коронавирус дневно се инфицираат стотици илјади луѓе, од почетокот на пандемијата досега се регистрирани 22,6 милиони инфекции. Здравствениот систем на земјата е целосно преоптоварен, постојано стигнуваат извештаи за смртни случаи поради недостиг од кислород на клиниките. Германија и други земји во меѓувреме почнаа со испраќање итна медицинска помош.
Во северниот дел од Индија во меѓувреме на брегот на реката Ганг испливале бројни трупови, за кои се претпоставува дека се жртви на ковид-19. Застрашувачките слики предизвикаа вџашеност не само кај домашната јавност. Претставници на власта изјавија дека само на границата меѓу Бихар и Утар Прадеш, две од најсиромашните сојузни држави во Индија, се пронајдени околу 40 тела, некои со денови пливале по реката. Веројатно се фрлени во водата бидејќи крематориумите се преполни или роднините не можеле да обезбедат дрва за спалување на труповите на клади.