– Значителниот бран насилства во окупираниот Западен Брег, како и во источен Ерусалим и во и околу Појасот Газа, треба веднаш да престане. Истрелувањето ракети од Газа против цивилното население во Израел е неприфатливо и ја засилува ескалацијата. Сите лидери имаат одговорност да дејствуваат против екстремистите. Ова статус кво на светите места мора целосно да се почитува. Приторитет е да се спречат натамошните цивилни жртви, се вели во соопштението.

Палестинскиот дневен весник „Ал-Кудс“ објави претходно дека насилството избувнало во понеделникот откога израелската полиција влезе во џамијата „Ал-Акса“ во Стариот град на Ерусалим и употреби гумени куршуми, солзавец и шок-бомби против присутните во верскиот објект. Стотици Палестинци беа повредени во последователните судири со израелските полициски сили во источен Ерусалим.

Непосредно пред полноќ израелските медиуми објавија дека палестинските милитанти истрелале повеќе од 150 ракети на територијата на Израел, но дека десетици од нив биле пресретнати од системите за противвоздушна одбрана. Израел возврати со ракетни напади против палестинските милитанти на територијата на Појасот Газа.

Палестинската радиостаница „Савт ал-Акса“ претходно објави, повикувајќи се на свои извори во локалното Министерство за здравство, дека повеќе од 20 лица, вклучително и девет деца, биле убиени и 70 повредени како резултат на ракетните напади на Израел врз Појасот Газа.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изрази загриженост за ескалацијата во Појасот Газа и рече дека ракетните напади против Израел мора веднаш да запрат.