Панел на Светската здравствена организација (СЗО) денеска препорача употреба на два лека – на фармацевтската компанија Ели Лили и на ГлаксоСмитКлајн и Вир бајотехнолоџи – додавајќи нови опции за лекување на пациенти со Ковид-19 со оглед на тоа дека варијантата на коронавирус – омикрон многу брзо се шири.

Податоците на СЗО покажуваат дека омикрон, кој ја избегнува заштитата што ја обезбедуваат многу вакцини и терапии, е идентификуван во 149 земји. Омикрон брзо ја замени делтата како доминантна варијанта во неколку држави, принудувајќи ги владите и научниците да ја зајакнат одбраната преку тестирање, инјекции и терапии.

Комисијата во четвртокот силно го препорача лекот барицитиниб на Ели Лили, кој се продава под брендот Олумиант (Olumiant), за пациенти со тешка форма на Ковид-19 во комбинација со кортикостероиди, додека условно ја поддржува терапијата со антитела GSK-Vir за полесни пациенти со најголем ризик од хоспитализација.

Досега, терапијата со моноклонални антитела GSK-Vir беше единствената што покажа ефикасност против омикрон во лабораториски тестови, додека слични третмани од Eli Lilly and Co и Regeneron Pharmaceuticals понудија помала заштита при ваквите тестови.

Експертите на СЗО забележаа дека ефикасноста на третманот со моноклонални антитела – лабораториски произведени соединенија кои ја имитираат природната одбрана на телото – против новите варијанти како што е омикрон сè уште е неизвесна, и велат дека упатствата за оваа класа лекови ќе бидат ажурирани кога ќе има дополнителни податоци.

Упатствата на СЗО, објавени во Британскиот медицински журнал, исто така наведуваат дека доказите покажуваат дека барицитиниб ја подобрува стапката на преживување и ја намалува потребата за респиратор, без забележано зголемување на негативните ефекти.

Француската медицинска хуманитарна организација Лекари без граници (MSF) ги поздрави упатствата на Обединетите нации и рече дека барицитиниб може да биде потенцијална алтернатива на тековните третмани со моноклонални антитела препорачани од СЗО, кои сè уште недостасуваат во многу земји со низок и среден приход.