Тајфунот Хаикуи го погоди Тајван со поројни дождови и силен ветер, оставајќи најмалку 226.000 домаќинства без електрична енергија и голем број повредени, соопштија денеска властите.
Според тајванскиот Централен центар за итни операции (CEOC), Хаикуи го поминал јужниот дел на Тајван и влегол во Тајванскиот Теснец и денеска се движи кон јужните делови на Кина.
Силниот ветер корнеше дрвја во источниот и јужниот дел на Тајван и го прекина снабдувањето со електрична енергија. Ветерот достигна брзина од 150 до 190 километри на час. Невремето предизвика и лизгање на земјиште и поплави.
Тајванскиот министер за внатрешни работи Лин Ју-Чанг, кој го предводи ЦЕОК, денеска ги повика жителите да останат на готовност за можни катастрофални поплави во некои планински области поради поројниот дожд во изминатите четири дена.
Според ЦЕОК, најмалку 78 лица се повредени во сообраќајни несреќи, меѓу кои и возачи на скутери и возачи на автомобили кои биле погодени од паднати дрвја. Најмалку 226.000 домаќинства на островот останаа без струја. Околу 8.000 жители беа евакуирани, а 1.916 луѓе беа сместени во јавни засолништа за време на тајфунот Хаикуи.
Се очекува невремето да трае до утре.