Нов сериозен безбедносен инцидент се случи во стратешки важниот Ормуски Теснец, откако неидентификуван проектил погодил комерцијален танкер за време на редовна пловидба, потврди Агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство, UKMTO.

Според официјалното соопштение на британската агенција, бродот претрпел материјални оштетувања на командниот мост. Сите членови на екипажот поминале без повреди и се наоѓаат на безбедно.

Од UKMTO додаваат дека по ударот не е забележано загадување на морето, а во тек е истрага за откривање на сторителите.

Инцидентот доаѓа во моменти на сериозна воена ескалација во регионот, која се разгоре само неколку часа претходно. Во текот на изминатата ноќ, САД изведоа обемни воздушни напади врз јужниот брег на Иран, таргетирајќи тамошни воени позиции.

Пентагон официјално потврди дека во американската операција биле погодени ирански ракетни и радарски системи, како и бази за беспилотни летала. Вашингтон го образложи овој потег како директен одговор на претходниот ирански напад со дрон врз контејнерскиот брод „Ever Lovely“, кој плови под сингапурско знаме.

Официјален Техеран брзо возврати на американските воздушни удари. Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека иранската војска покренала „одбранбени напади“ врз воени цели кои се директно поврзани со американските сили во регионот.

Иран истовремено го обвини Вашингтон за грубо кршење на Повелбата на ОН и на неодамна постигнатиот Меморандум за разбирање од Исламабад, со кој Техеран претходно се обврзал на траен прекин на воените операции во ова подрачје.

Воената криза дополнително се прошири и на копно, откако утрово се огласи Кралството Бахреин. Властите во Манама упатија најостра осуда до Техеран, наведувајќи дека неколку ирански дронови во раните утрински часови го повредиле бахреинскиот воздушен простор и нападнале објекти на нивна територија.

Бахреин порача дека Иран со ваквите потези директно ги поткопува тешко постигнатите мировни напори и официјално побара итна интервенција од Советот за безбедност на ОН, со цел да се запре натамошното ширење на воениот судир во Персискиот Залив.