Не запираат реакциите кај партиите од албанскиот блок откако министерот за одбрана, Владо Мисајловски положи цвеќе на спомен-плочата на баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“, поставена во спомен на загинатите специјалци и полицајци во масакрот кај Вејце во 2001 година.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари смета дека УЧК и нејзините борци не се терористи и бара веднаш да се смени натписот на плочата. Според него, текстот на обележјето не е во приватен музеј, ниту на веб-страница на екстремистичка група, туку се наоѓа на територијата на, како што вели, државна касарна на мултиетничка држава, каде што секојдневно служат војници, офицери и генерали, од кои некои се Албанци.

„Кога министер на мултиетничка држава, а не приватно лице, положува цвеќе и оддава почит на спомен-плоча каде што јасно е видлив терминот „албански терористи“, тој со тоа ги навредува своите сограѓани идентификувајќи ја етничката припадност како криминална карактеристика. Ова, според кој било меѓународен стандард, е шовинистички и дискриминаторски јазик што мора да биде санкциониран“, порачал Таравари, кој жали поради тоа што на спомен-плочата има реченица која гласи: „Паднати во војна против албанските терористи“.

Тој бара министерот да даде јавни објаснувања и да интервенира врз основа на овластувањата што ги има за да го промени овој, како што вели, говор на омраза на таа плоча што стои во касарната „Илинден“. Според лидерот на АА, со терминот „албански терористи“, како што вели тој, се навредуваат Албанците и Охридскиот договор, потенцирајќи дека борците на УЧК биле борци за слобода, а не како што ги опишува плочата.

Мисајловски во објава на социјалните мрежи напиша дека „со длабока почит се потсетуваме на хероите кои го дадоа највредното за Македонија“.

„Во касарната „Илинден“, пред спомен-обележјето на баталјонот за специјални сили, положивме венец со свежо цвеќе и оддадовме почит на Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костески. Пред 25 години, четворицата армиски припадници заедно со уште четворица припадници на Министерството за внатрешни работи трагично ги загубија своите животи во одбрана на татковината кај месноста Вејце. Нивната жртва засекогаш останува дел од нашето сеќавање. Храброста и пожртвуваноста што ја покажаа не обврзуваат да паметиме, да оддаваме почит и да ја чуваме татковината“, напиша Мисајловски.

На 28 април 2001 година беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и полицајци при ОВР Битола, Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24) Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).