Министерот за здравство и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, денеска ја посети болницата „Чам ве Сакура“ во Истанбул. Таму се лекуваат двајца од повредените од трагедијата во Кочани.
Во оваа болница првично беа примени шест пациенти. Четворица од нив се пуштени на домашно лекување по подобрување на нивната здравствена состојба. Мартин и Борис, двајцата преостанати пациенти, остануваат на лекување и се во стабилна состојба.
Таравари, придружуван од претставници на Конзулатот на Северна Македонија во Истанбул, се сретна со родителите на повредените од трагедијата во Кочани. Тој изрази поддршка и солидарност кон семејствата во овие тешки моменти.
Министерот упати благодарност до д-р Мустафа Туран и конзулот Идриз Фазлиоски за покажаната грижа и посветеност.
„Свежата болка на Кочани е донекаде ублажена од тоа што Мартин и Борис се подобро и наскоро ќе ги пречекаме дома. Ви благодариме, драга Турција, за целата грижа и гостопримство“, истакна Таравари.
Денешната посета беше чин на институционална грижа и солидарност кон погодените од оваа трагедија.
Извор: Курир