Самостоен настап на локалните избори
Министерот за здравство и лидер на едното крило од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека има редовна комуникација со премиерот Христијан Мицкоски. Тој вели дека по неговото враќање од службено патување ќе следува средба на која ќе разговараат за актуелните несогласувања со коалицијата ВЛЕН. Ќе се разговара за можните импликации врз неговото учество во Владата.
Таравари истакна дека неговото крило на Алијанса за Албанците сигурно ќе настапи со сопствени советнички листи на претстојните локални. Тој вели дека „нема назад“ затоа што одлуката веќе е донесена и финална одлука на партијата.
„Засега имаме сигурна одлука дека одиме со посебни советнички листи и тоа е одлука на партијата и од тоа нема враќање назад“, рече Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.
Отворени за дијалог со други партии
Тој нагласи дека партијата останува отворена за дијалог и евентуални соработки со други политички субјекти, но засега настапот со сопствени листи е конечен.
Владата стабилна и покрај неизвесноста околу Таравари
Таравари даде одговор однос на изјавите на вицепремиерот Александар Николоски, кој во емисијата „360 степени“ рече дека „сите ги слушаат, но одлуките ги носи ВМРО-ДПМНЕ“. „Ние сме автономна партија, одлучуваме сами“, рече Николоски.
ВМРО-ДПМНЕ: Соработка со ДУИ значи опозиција
Николоски претходно предупреди дека соработка со ДУИ значи премин во опозиција, алудирајќи на можноста крилото на Таравари да се доближи до опозициски албански партии, што би ја довело во прашање нивната позиција во владејачката коалиција.
И покрај разликите, Николоски нагласи дека Таравари како министер ужива доверба меѓу членовите на владата на Мицкоски. Освен евентуална блискост со ДУИ, нема други причини за преиспитување на партнерството.
Само Мицкоски одлучува за Владата
Минатата недела, Таравари изјави дека ќе излезат од Владата само ако премиерот оцени дека повеќе не се потребни.
Арбен Таравари за првпат се огласи дали ќе ја напушти Владата
Арбен Таравари додаде дека само Мицкоски има легитимитет да одлучува за составот на владата:
„Премиерот е тој што формира Влада, и никој друг нема право да кажува освен него.“
Средба по 1 мај
Од Владата (Илинденска бр. 2) соопштија дека премиерот има редовна комуникација со министрите, вклучително и со Таравари, и дека средбата меѓу двајцата се очекува веднаш по 1 мај.
Извор: 360 степени