Што правело Бирото за јавни набавки во оваа ситуација, дали таму набавката поминала низ сите процедури, дали била проверена оправданоста на набавката, коментира Тасева за случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од страна на Рашковски

Претседателката на „Транспаренси интернешнл Македонија“ и поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, Слаѓана Тасева, во вечерашната дебата на „360 степени“ зборуваше за случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци набавен од страна на поранешниот генсек на Владата, Драги Рашковски.

Тасева посочи дека потребно е да се разгледаат повеќе аспекти за овој случај, но и дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има можност во рамките на истрагата да побара и финансиска истрага, за да се утврди каде завршиле парите.

„Кога зборуваме за овој кривично-правен настан треба да го гледаме во една целина … Мораме да се потсетиме дека имаме и други органи во државата, институции. Што правело Бирото за јавни набавки во оваа ситуација, дали таму набавката поминала низ сите процедури, дали била проверена оправданоста на набавката? Она што Јавното обвинителство може сега да го прави е паралелно со криминалната истрага да отворат и финансиска истрага. Да се види парите од овој тендер каде отишле и што се случувало. Затоа и постои цела стратегија за финансиски истраги, а постои и процедура која е усвоена меѓу институциите во која се вклучени Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи, Управата за јавно приходи и други институтции кои треба да се поврзат за точно да се утврди што се случило со парите од овој тендер“