Адвокатот Владимир Туфегџиќ пред Апелациониот суд порача дека жалбата на Обвинителството против ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски е неоснована и оцени дека е „опасен преседан“ тврдењето дека било логично да нема докази за комуникација меѓу обвинетиот и останатите осомничени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
„Жалбата на обвинителството е неоснована, првостепениот суд донесе единствено праведна одлука во ситуација кога јавниот обвинител во завршните зборови јасно и недвосмислено кажа дека докази за Александар немаат“, рече Туфегџиќ.
Тој нагласи дека и денеска обвинителството, според него, се задржало на објаснување зошто нема докази, наместо да понуди конкретни докази за вина.
„Опасен преседан се наводите на обвинителството дека било логично да нема докази. Токму поради фактот што нема ниту еден доказ за било каква комуникација помеѓу Александар и другите лица ниту во првиот неуспешен обид за грабнување, ниту во вториот за жал успешен обид за грабнување на детето Вања, Апелациониот суд треба да ја потврди ослободителната пресуда“, рече адвокатот.
Туфегџиќ додаде дека случајот бил предмет на оценка и пред Врховниот суд и оцени дека доколку постоел „еден промил“ доказ за вмешаност на Александар Ѓорчевски, текот на постапката и пресудата би биле поинакви.
„Доколку постоеше еден промил кој укажува на учеството на Александар во овој грозоморен чин, убеден сум дека текот на оваа постапка ќе беше поинаков како и самата пресуда“, кажа Туфегџиќ.
На рочиштето кратко се обрати и Александар Ѓорчевски.
„Од оваа позиција во која се наоѓам како заложник немам што да додадам“, рече Ѓорчевски, по што ја напушти судницата.
Претходно, вишиот обвинител Дарко Јакимовски побара укинување на ослободителната пресуда, тврдејќи дека судот не направил анализа на доказите и не утврдил дали Александар Ѓорчевски бил поврзан со кривичните дела.
Обвинителството тврдеше дека Александар имал „клучна улога“ во случајот и посочи на неговото однесување пред и по грабнувањето на Вања, како и на комуникацијата со семејството.
